+389 78 385 571 info@lgbtunited.org

Здружението  ЛГБТИ Јунајтед, Здружението ЛЕБИТРАК и Здружението ДИВЕРСИТЕТ,  упатуваат апел до политичките партии и до кандидат(к)ите за градоначалници и советници на претстојните локални избори, во предизборната кампања да се воздржат од користење говор на омраза и поттикнување нетрпеливост кон ЛГБТ+ заедницата и кон сите останати маргинализирани заедници заради добивање на политички поени.

Ги потсетуваме дека  илјадници ЛГБТ+ лица, нивните родители, пријатели и поддржувачи се исто така дел од гласачкото тело. Сите  од нив очекуваме да презентираат инклузивни идеи, решенија и проекти што ќе бидат од корист за сите граѓани без оглед на нивните лични карактеристики, наместо да користат националистички, расистички, ксенофобични, мизогини или хомофобични реторики. Исто така, не само што очекуваме да ги почитуваат приватноста и достоинството на нивните конституенти, туку и при креирањето на политики да ги земат предвид проблемите и предизвиците во пристапот до човековите права и пристапот до добра и услуги со кои се соочуваат граѓаните, особено оние кои припаѓаат на ранливите категории на граѓани, како и да обезбедат безбедна и овозможувачка средина за различностите во сите облици.

За крај, укажуваме на потребата од почитување и доследно спроведување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, апликативен за сите физички и правни лица, и се надеваме дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, согласно нејзините законски надлежности, благовремено и соодветно ќе реагира на каква било дискриминација во јавниот дискурс, особено во периодот на предизборие, но и во иднина.