+389 78 385 571 info@lgbtunited.org

Во периодот од 25ти до 28ми Јуни во Скопје ЛГБТИ Јунајтед спроведе  обука на тема „ЛГБТИ правата во Северна Македонија и креативен активизам“ која беше спроведена во рамките на проектот „Зајакнување на ЛГБТИ заедницата, родителите, пријателите и поддржувачите на ЛГБТИ заедницата во Северна Македонија“, поддржан од Амбасадата на САД во Скопје.

На обуката учествуваа 23 припадници на ЛГБТКИ+ популацијата од различни градови на Северна Македонија.

Учесниците на обуката имаа можност да се запознаат подетално со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација во кој за првпат се вклучени како основи за дискриминација сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Беше направен исто така преглед на значењето на некои поими употребени во законот и беа објаснети детално основите за дискриминација. Обучувачот направи резиме и на следните теми: Што е дискриминација?; Кога некој ве дискриминира?; Дискриминаторско однесувење.; Што не е дискриминација?; Кој сѐ не смее да те дискриминира?; Облици на дискриминација; Што е активизам и креативен активизам?, Што е кампања?, Видови на кампањи?, Планирање на кампањи и др.

Учесниците се запознаа со тоа кои се задачите на Комисијата за заштита од дискриминација. Примерок од формуларот за поднесување на преставка до Комисија за заштита од дискриминација им се подели на сите учесници, и тие имаа можност со помош на обучувачот да го потполнат и на тој начин во практика да научат како се потполнуваат преставките.

На вториот дел од обуката учесниците имаа можност да се запознаат со значењето на пимот Креативен Активизам и како се прават кампањи и каде може истите да бидат употребени во борбата против дискриминацијата и подобрување на првата на ЛГБТИ заедницата. Учесниците на обуката беа охрабрени во наредните месеци сами да смислат кампањи кои би ги спровеле во наредните месеци во нивните градови.

Обуката беше интерактивна и учесниците имаа можност да дискутираат и да прашуваат за сите нејаснотии во врска со понудената тема.

Ова беше првата обука од вкупно четири обуки кои ЛГБТИ Јунајтед ќе ги реализира во склоп на проектот „Зајакнување на ЛГБТИ заедницата, родителите, пријателите и поддржувачите на ЛГБТИ заедницата во Северна Македонија“, со цел поголемо информирање и зајакнување на ЛГБТИ заедницата во Северна Македонија.