+389 78 385 571 info@lgbtunited.org

Почитувани ЛГБТ+ лица, почитувани родители, пријатели и поддржувачи,

Сакаме да ве информираме дека од почетокот на здравствената криза со КОВИД-19 во нашата земја, голем број на граѓани, меѓу кои и ЛГБТ+ лица, неочекувано се најдоа во тешка и безизлезна ситуација. Некои од нив ги изгубија своите работни места, некои останаа без основни приходи за храна, некои се најдоа под ризик да останат без своите живеалишта, некои, пак, станаа жртви на насилство и дискриминација. 

Свесни за ситуацијата во која се најдоа ЛГБТ+ лицата, уште на почетокот на вонредната состојба обезбедивме пакети со храна кои првично беа финасирани од нас, ЛГБТ Јунајтед Тетово. Но, бидејќи секој ден до нас пристигнуваа сѐ повеќе барања за помош и сакајќи да одговориме на сите повици, побаравме поддршка и од нашите пријатели во странство, ЛГБТ+ лица, кои одговорија на нашиот апел за помош и ни излегоа во пресрет за да обезбедиме храна, која интервентно беше доставувана низ сите градови во земјава, но помош добивме и од поддржувачи односно сојузници на ЛГБТ+ заедницата.

До денес, 21 мај 2020 година, имаме поделено над 300 пакети со храна, 300 заштитни маски за повеќекратна употреба, 300 заштитни маски за еднократна употреба, на 7 ЛГБТ+ лица им помогнавме финансиски да ги подмират тековните трошоци, на 3 ЛГБТ+ лица им помогнавме да ги платаат кириите поради неможноста да се вратат во своите домови, а на над 20 ЛГБТ+ лица им помогнавме да ги набаваат потребните лекарства.

Сето ова немаше да биде возможно да го реализираме без вашата доверба и поддршка. Затоа, упатувам голема благодарност од мое име, од име на Здружението ЛГБТ Јунајтед Тетово и од име на ЛГБТ+ лицата на кои им помогнавте во овие тешки времиња да почувствуваат сигурност и поддршка!

Ви благодариме на сите што зедовте учество во нашата акција за помош на социјално загрозените ЛГБТ+ сограѓани. Вашата подадена рака ни овозможи да посетуваме и по четири градови дневно и да поминуваме по 350 километри, кога тоа беше потребно, за да им покажеме на ЛГБТ+ лицата дека не се сами.

Оваа глобална криза ни покажа и дека постојат многу хумани луѓе и дека во ваквите моменти на неизвесност и потреба од помош за најранливите категории на граѓани, хуманоста ја победува омразата, доброто се издигнува над злото, a разликите стануваат невидливи во духот на општочовечката припадност.

 

Искрено ваш,

Беким Асани

претседател на ЛГБТ Јунајтед Тетово