+389 78 385 571 info@lgbtunited.org

ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА РАБОТАТА НА ЗДРУЖЕНИЕТО ЛГБТ ЈУНАЈТЕД ТЕТОВО ВО 2019 

 

 

 

„Проектот е финансиран од Европска Унија“                            

 

 

 

Драги пријатели и соработници,

Ќе почнам со најголемиот успех за сите нас во 2019 година, а тоа е усвојувањето на новиот Закон за заштита и спречување од дискриминација, во кој за прв пат сексуалната ориентација и родовиот идентитет се внесени како основи на признаена дискриминација. Носењето на законот, не беше лесен процес. Напротив, претставуваше голем предизвик за сите нас. 

Паметам, дека во моментот на гласањето, сите бевме седнати во Центарот на ЛГБТИ заедницата во Тетово и телевизорот беше вклучен, со гласот до крај. Чекавме секој момент да дојде точката за гласање на овој закон. Сите на глас воздивнавме кога се изгласа законот, а среќата беше очигледна на нашите лица.

2019та, беше година на предизвици, година во која ЛГБТИ заедницата стана многу повидлива на локално ниво не само во Тетово туку и во Гостивар, Кичево, Струга, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Куманово, година во која на организацијата и се приклучија многу нови активисти/ки, желни за промени, желни за да помогнат и да придонесат за подобра положба на ЛГБТИ заедницата во нивните локални средини.

Вреди, да се потенцира и финасиската поддршка од Владата на Република Северна Македонија, која е прва ваква поддршка за една ЛГБТИ организација, поддршка која ја одразува и желбата на самата Влада за соработка со сите и во креирањето на едно општество за сите.

Беким Асани

ЛГБТИ активист и Претседател на ЛГБТ Јунјатед Тетово

 

Вовед

ЛГБТ Јунајтед Тетово е невладина, непрофитна и мултиетничка организација, која вклучува членови, кои се граѓански активисти, индивидуалци/ки со различен профил, од различни етнички групи, како и религии.  ЛГБТ Јунајтед Тетово е основана во Мај 2012 година.

Целта на ЛГБТ Јунајтед Тетово е заштита, промоција и почитување на човековите права, првенствено на ЛГБТИ лицата, обезбедување на еднаков пристап до здравствена заштита и обезбедување на други витални социјални и правни услуги, со што се гарантира рамноправност и вклучување на ЛГБТИ лицата во сите сфери на животот преку создавање на поддржувачка и толерантна атмосфера која вклучува разновидност и слобода.

Во овој контекст целите на ЛГБТ Јунајтед Тетово се:

  • Зајакнување на ЛГБТИ заедницата;
  • Имплементацијата и потполното уживање на правата на ЛГБТИ лицата и борба против дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет;
  • Подигнување на свеста за правата на ЛГБТИ лицата како човекови права;
  • Застапување и лобирање за ЛГБТИ лицата со цел промена на постоечките закони (законодавство);
  • Подобрување на сексуалното здравје преку превентива од ХИВ/СИДА и други сексуално преносливи болести помеѓу ЛГБТИ популацијата.

ВИЗИЈА и МИСИЈА

Визијата на Здружението ЛГБТ Јунајтед Тетово е општество во кое се почитуваат универзалните човекови права на сите, без оглед на сексуалната ориентација, родовиот идентитет  и било кои други карактеристики и идентитети, во кое сите се почитувани и живеат во еднаквост и слобода.

Мисијата на Здружението ЛГБТ Јунајтед Тетово е мултиетничка, граѓанска организација, која работи на зајакнување и промоција  на човековите права на ЛГБТИ популацијата, со цел нејзино зајакнување и целосно вклучување во сите процеси и сфери во општеството.

Вo склоп на ЛГБТ Јунајтед Тетово функционира и Центарот на ЛГБТИ заедницата во Тетово. Центарот функционира секој работен ден и во него припадниците на ЛГБТИ заедницата може да се социјализираат, де се информираат за различни теми, да добијат информативни материјали поврзани со ЛГБТИ тематиката. Освен за припадниците на ЛГБТИ заедницата центарот е отворен и за родителите, роднините, пријателите и поддржувачите на ЛГБТИ заедницата. Центарот во 2019 година го посетија 876 посетители.

Реализирани проекти и активности во 2019

 

Проект: „Зајакнување на ЛГБТИ заедницата на локално ниво во Македонија“

Поддржан од: Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје

Целта на овој проект е зајакнување на ЛГБТИ заедницата на локално ниво во Македонија. 

Со поддршката на овој проект, на месечно ниво реализиравме активности кои се одвиваа во Центарот на ЛГБТИ заедницата во Тетово, како што се филмски проекции, дискусии, поетски вечери и вечери на заедничко приготвување на храна. Овие активности се наменети за социјализација на членовите на ЛГБТИ заедницата, а преку оваа социјализација, придонесуваме кон зајакнување и охрабрување на ЛГБТИ заедницата. 

Проектот, придонесе и кон институционално јакнење на организацијата, преку јазично надоградување на веб страната на ЛГБТ Јунајтед Тетово. За прв пат, нашата веб страница е достапна на турски и ромски јазик, а со тоа и почна да обезбедува информации на пет јазици, и тоа на: македонски, албански, турски, ромски и англиски јазик. 

Нашата веб страна на овој начин, стана првата ЛГБТИ веб страна во Северна Македонија која ги вклучува и јазиците на малцинствата. За прв пат припадниците на турската и ромската заедница кои се припадници и на ЛГБТИ заедницата како и општата популација имаат можност да прочитаат повеќе за ЛГБТИ терминологијата, за ЛГБТ Јунајтед Тетово, како и други информации на својот мајчин јазик.

Откако веб страната беше преведена на турски и ромски јазик бројот на посетители на веб страната се зголеми за 40%.

Преку овој проект ги зајакнавме и капацитетите на Групата за поддршка на родители, роднини и пријатели на ЛГБТИ заедницата, но исто така и охрабривме и приклучување на нови членови во оваа група. 

По иницијатива на оваа група на социјалната мрежа фејсбук е отворена група под наслов „Родителите, пријателите и поддржувачите на ЛГБТИ заедницата- Северна Македонија“. Оваа група на фејсбук моментално брои 680 членови.

Проект: Институционална поддршка на ЛГБТ Јунајтед Тетово

Поддржан од програмата ЦИВИКА Мобилитас.

 Овој проект, има за цел да даде институционална поддршка на ЛГБТ Јунајтед Тетово за институционално јакнење и развивање на организацијата во наредните 3 години.

Во таа насока, ЛГБТ Јунајтед Тетово, ќе се развива во насока на граѓанска организација која е силна, влијателна и може да даде квалитетен придонес во зајакнувањето и застапувањето на ЛГБТИ заедницата 

Крајната цел е ЛГБТ Јунајтед Тетово, да биде влијателна и силна организација во македонското општество, застапувајќи ја ЛГБТИ заедницата без оглед на етничката, родовата или религиската припадност.

Во текот на 2019та и 2020та ќе работиме на развој и јакнење во делот на организациското равотење, преку изградба на организациските капацитети и врабоените, а со цел да се стекнат со нови занења за потранспарентно и отчетно работење на организацијата.

За 2019та, можеме да ги потенцираме активностите кои се поставени како темели на овој проект, а тоа е развојот на стратешкиот план на организацијата за 3 години. Овој процес беше реализиран во периодот од август – октомври 2019. 

Ни беше важно, процесот да биде вклучувачки, па така започнавме со проценка на потребите и моменталната состојба на засегнатите страни, во овој случај ЛГБТИ заедницата и здружението ЛГБТ Јунајтед Тетово. Преку анононимна онлајн анкета на која одговориле 63 испитаници, при што дадоа нивни размислувања и ставови за ЛГБТ Јунајтед Тетово и новите стратешки насоки. Во самиот процес на подготовка учествуваа вработените и волонтерите на ЛГБТ Јунајтед Тетово и припадници на ЛГБТИ заедницата од 7 градови. Процесот го водеше надворешен експерт со долгогодишно искуство. 

Во периодот од октомври до декември 2019та година како вовед во проектот следеа обуки за вработените и волонтерите на ЛГБТ Јунајтед Тетово за градење на капацитетите и зголемување на знаењата со цел успешно имплементирање на наредните фази на проектот кои што се предвидени да се реализираат во наредните 3 години.

Со помош на овој проект во 2019та беше овозможено реновирање на Центарот на ЛГБТИ заедницата во Тетово при што центарот доби нов изглед. Со помош на овој проект Центарот продолжи да функционира непречено секој работен ден, каде што секој месец се одвиваат различни активности наменети за едукација и социјализација на ЛГБТИ лицата, како што се проекции на филмови и дискусии.

Проект „Транспарентност и отчетност за поголема подршка од заедицата“

Поддржан од: Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС)

Целта на овој проект е Зголемување на степенот на Транспарентност на ЛГБТИ Јунајтед Тетово преку поголема отчетност. Преку дводневна обука која се одржа во склоп на овој проект се зајкнаа капацитетите на вработените и волонтерита на ЛГБТ Јунајтед Тетово за пишување наративни и финансиски извештаи.

Во чест на одбележувањето на Меѓународниот ден на човековите права 10ти декември, се одржаа информативни денови во Тетово и Гостивар и беа поставени штандови каде што граѓаните имаа можност преку директен контакт со вработените и волонтерите да се запознаат одблиску со работата на ЛГБТ Јунајтед Тетово.  Се поделија над 400 информативни флаери и стикери. 

Фотографија од информативниот ден во Гостивар.

 

Веб страната на ЛГБТ Јунајтед Тетово е подобрена и збогатена со нови информативни материјали. Објавени се вкупно 26 нови информативни текстови на 5 јазици и тоа на македонски, албански, турски, ромски и англиски. 

 

Проект ”Зајакнување на соработката и довербата помеѓу ЛГБТИ Заедницата и локалните самоуправи”

Поддржан од: Владата на Република Северна Македонија

ЛГБТ Јунајтед Тетово преку градење на соработка со локалните самоуправи, работи во правец на зголемување на довербата помеѓу ЛГБТИ заедницата и локалните самуправи во Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар и Струга. Проектот започна во октомври 2019 и ќе трае до април 2020.  Активностите на овој проект имаат за цел да придонесат кон градење на едно општество за сите во кое сите се еднакви, општество во кое припадниците на ЛГБТИ заедницата се прифатени и добиваат поддршка од локалната самоуправа и кон нив се постапува еднакво како и со сите други граѓани.

Во ноември 2019та се одржаа активности со фокус групи со припадниците на ЛГБТИ заедницата од Гостивар, Тетово и Струга, каде разговаравме за тоа, колку ЛГБТИ заедницата е запознаена со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, кои се нивните потреби во општините во кои живеат и дали се мета на дискриминација, говор на омраза, како и дали некогаш биле нападнати физички поради нивната сексуална ориентација или родов идентитет. Од учесниците на фокус групата во Тетово 70% се запознаени со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, што не е случај и во Струга каде што ниту еден од испитаниците не беше запознаен со Законот, а во Гостивар само половина од испитаниците беа информирани за постоењето на законот. Овој факт покажува за тоа дека во помалите градови ЛГБТИ заедницата е по изолирана, и потешко стигнуваат одредени информации до нив. 50 % од ЛГБТИ лицата кои учествуваа на фокус групите биле мета на дискриминација по основ на нивната Сексуална ориентација или Родов идентитет, а 35 % од нив биле жртви на насилство од омраза поради нивната Сексуална ориентација или Родов иднетитет.

Фотографија од средбата со вработените во општина Струга.

 

Во декември 2019 во склоп на овој проект остваривме средби со вработените во Единиците на локалните самоуправи од Тетово, Гостивар и Струга, каде имавме можност одблиску да дознаеме колку вработените во локалните самоуправи се запознаени со новиот Закон за заштита и спречување од дискриминација, колку тие се информирани за ЛГБТИ заедницата и кој е нивниот став по овие прашања.  На фокус групите учествуваа лица од различни сектори во општините. Во фокус групите учествуваа вработени во секторите: Секторот за соработка со невладини организации, Секторот за односи со јавноста, секретарот на Општина Струга, претставници од Комисиите за еднакви можности, Секторот за финансии, Секторот за урбанизам. Од учесниците во фокус групите 50% од нив не беа запознаени дека е изгласан нов Закон за спречување и заштита од дискриминација и дека во него се вклучени Сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи на дискриминација. 30% од испитаниците мислат дека хомосекуалноста е болест. Но затоа 70% од испитаниците покажаа интерес да учествуваат на обуки со ЛГБТИ тематика во иднина за да се информираат повеќе

 

 

 

Соработки и вмрежувања на ЛГБТ Јунајтед Тетово

Во 2019 година во Северна Македонија се одржа првата Парада на Гордоста, на која вработените, волонтерите и членовите на ЛГБТ Јунајтед Тетово учествуваа и ја дадоа својата поддршка. ЛГБТ Јунајтед Тетово исто така учествуваше и даде поддршка на парадите во Приштина и Тирана. 

ЛГБТ Јунајтед Тетово е членка на Meѓународната Асоцијација за Еднаквост за ЛГБТИ за Западен Балкан и Турција- ЕРА, Европската асоцијација ИЛГА и Асоцијацијата Трансџендер Европа.

Во 2019 вработените на ЛГБТ Јунајтед Тетово учествуваа на различни конференции и настани како што се: Годишната Конференција на Асоцијацијата ЕРА, Средбата за Вмрежување на ЦИВИКА Мобилитас, Регионална парламентарна средба за ЛГБТИ правата во Скопје а организирана од Асоцијацијата ЕРА, Конференцијата на Бранителите на човекови права во Даблин.

ЛГБТ Јунајтед Тетово исто така во изминатата година оствари соработка и со Локалните самоуправи во градовите Тетово, Гостивар и Струга.

 

 

„Мислењата што се изразени овде им припаѓаат на авторите и не ги одразуваат ставовите на МЦМС и Европската Унија.“

„ Програмата „Одржливо граѓанско општество: државно финансирање на граѓански организации“ ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации од Словенија (ЦНВОС)“