+389 78 385 571 info@lgbtunited.org

Живеам во општество каде што е срамота да ти кажам дека те сакам. Како да ти кажам дека те сакам? Како да ти кажам дека цел свет можам да ти го дадам? Како да ти кажам дека ти си жената на мојот живот кога кај нас е побитно како се викаш и како те крстиле отколку како изгледаш и како се осеќаш? Како да ти кажам дојди со мене ќе имаме иднина, кога иако знам дека ме сакаш ми викаш дека ако се викав Марко а не Мартина без размислувње би дошла со мене!?! Ама ете, се викам Мартина,  а немам ништо женско на мене освен името и полот, а од далеку се гледа дека сум Марко. И на кого сега јас тука да се лутам бидеќи неможам да ти кажам на глас пред сите дека те љубам?! На природата? На Бог? На општеството? На себе? На сите? На кого? Кого да обвинам сега што имам живот со тебе кој што сакам да го поминам а неможам оти сум Мартина? Ме сакаш и ти мене-знам. Кого ти обвинуваш? Еве кажи ми? Јас не знам кого да обвинам. Ти сама ми викаш дека ме гледаш како Марко и дека сум Марко затоа што реално сум Марко, ама нели  по документи и по се сите знаеме дека сум Мартина тоа што воопшто не личам на неа е сосема друго, битно луѓето знаат, во личната карта така ми седи и ете тоа е причината што не си со мене. Што нема да бидеш со мене. Тоа е причината што знам дека љубовта, мојата љубов има рок на траење. А љубовта е нели безвременска. Ама не. Мојата има рок на траење. И оваа и сите предходни и сите наредни. Кој знае само колку љубови ми останале недовршена приказна оти нели, луѓето знаат и тоа не бива тука. Каков е тој живот кога знам дека секоја љубов ми е со рок на траење? Каков е тој живот ако немам љубов во него? Каков е тој живот каде што е побитно што луѓето знаат како се викаш а не како се осеќаш и дека тоа те дефинира тебе како лош човек или не човек или нешто страшно?


Еве тука ќе ти кажам. Те сакам. Сакам животов да го поминам со тебе. Не сакам ни ден да помине а ти да не си дел од него. Сакам да те сакам. Сакам кога те сакам. Сакам кога ме сакаш. Сакам да ме сакаш. И место да ми кажеш :“те сакам и јас тебе”, ти ми викаш: “збогум”. Збогум  оти е срамота. Луѓето знаеле. Домашните немало да дозволиш да си ги усрамиш на начин што би им кажала дека ме сакаш мене. И одбираш да заминеш и да фрлиш се, цела таа љубов вистинска, искрена, силна, цела твоја среќа и иднина со некој што знаеш дека те сака безусловно само за да не ги усрамиш твоите. Оти било срамота?! Од кога е срамота да љубиш? Мене ме учеле дека љубовта е најубавото нешто, најубавото  чувство на свет и дека е движечка сила на секој од нас. Секој вид на љубов а посебно онаа романтичната, тогаш кога ќе ја најдеш другата половина од твојата душа. Ете, тоа си ти, ти си другата половина од мојата душа………и ми велиш “збогум”. Не оставаш и мене и себе си, да живееме живот на пола. Како половина луѓе. Оти сум Мартина на хартија. Да бев Марко ќе бевме едно, ќе бевме се. И еве ќе станам можеби Марко еден ден. Има методи и за тоа ама јас секогаш ќе сум недоволен  Марко за тебе оти луѓето ќе знаат дека некогаш бев Мартина. И тогаш ќе ти е срам да им кажеш на твоите дека човекот на твојот живот не бил заведен од секогаш во матично како Марко ами предходно бил пишан како Мартина. И ете пак срам. Што наказа им однесе дома?! Ги усрами луѓето. А тоа колку Марко те сака, колку ти го сакаш него, колку сте среќни, колку сте едно и родени еден за друг……тоа не е битно. Ќе избереш живот со друг човек што од раѓање бил заведен како Марко и ќе се вика Виктор. И ќе живееш пола живот со него, како пола  човек глумејќи среќа и љубов. Заљубеноста и страста ќе минат и ќе ти остане само едно пола. Едно пола што секогаш ти останало кај некој друг но не си смеела да писнеш оти било срамота да кажеш дека ме љубиш. Оти да ме љубиш мене е грев и срам и тоа не е во ред а каде е тоа запишано освен во стереотипите на општеството еве не знам.

 А во ред е да живееш на пола со човек што не го сакаш ни приближно колку мене само затоа што е заведен во книга дека е роден како Виктор. Оти така вели стереотипот, дека тоа не е срамота.

И секоја ноќ, пред  да заспиеш ќе се потсетиш на мене. Ќе ти минам низ цело тело како струја и ќе ти се вратат сите спомени и мигови поминати заедно. Моите бакнежи, моите прегратки мојот лик моите очи моите усни. Ќе ме бараш на сон да ти дојдам само за да се измиеш во чиста љубов. Ќе имаш грутка во градите цел живот што ќе ти тежи и ќе се вика Марко.  И секој ден ќе ги браш него во тој твојот Виктор, во манири, во гестови во насмевка во прегратка во бакнеж ама никогаш нема да го најдеш. И да го оставиш Виктор, и да тргнеш по цел свет да бараш некој налик Марко твој…..никогаш нема да го најдеш оти Марко твој е еден и единствен засекогаш твој но никогаш твој. И се тоа само затоа што е срамота да кажам дека те љубам, се тоа затоа што е срамота да кажеш дека ме љубиш а вистината е таа ама срамот овде е посилен и од вистината и од се.  И ќе ми остане мене само да си бројам празни денови без љубов, да знам дека те изгубив тебе, дека ја изгубив другата половина од мојата душа, оти живеам во општество каде што е срамота да кажам дека те љубам и оти мојата љубов и на сите што се родени како мене има рок на траење или воопшто нема да ја има само затоа што стереотипот вика дека е срамота да кажеме кого љубиме.

 

 Автор: The Dark Knight

„Мислењата што се изразени овде им припаѓаат на авторите и не ги одразуваат ставовите на МЦМС и Европска Унија.“

„ Програмата „Одржливо граѓанско општество: државно финансирање на граѓански организации“ ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации од Словенија (ЦНВОС)“

„Проектот е финансиран од Европската Унија“