+389 78 385 571 info@lgbtunited.org

Кога доволно долго се бориш сам против своите демони, не си дозволуваш ни да побараш помош кога знаеш дека ти е потребна… Сакаш некој да дојде да те допре за рамо и да ти рече: Во ред е, знам дека ти е тешко… А всушност ни сам себе не си дозволуваш да си ја допреш душата од сета болка што ја чувствуваш… Луѓето поминуваат, те гледаат насмеана, весела, функционална, додека во себе се распаѓаш и не знаеш зашто се чувствуваш толку лошо иако нема реална причина за тоа… Кога доволно долго се бориш сам со своите демони, има еден дел од тебе што знае дека сето ова чувство на ништожност, безволност, поспаност, физичка деструктивност, тивка болка и молк…ќе помине… Сѐ ќе помине, а тоа демончето на едната страна од твоето раме ќе те натера да заборавиш на сѐ што убаво и добро си направила за светот и ќе те турне повторно во бездната на тагата, молкот и лажните насмевки за пред луѓе… Ќе опстојуваш, ќе чекаш, ќе дочекаш да помине како и претходниот пат и тој пат пред тоа… Ќе помине афтер ворк забавата без тебе, ќе помине роденденот без тебе, ќе помине семејниот ручек без тебе… Ќе ти помине животот без тебе. А при секој обид некој да те допре, ќе срипаш и свикаш не баре те попариле со котел врела течност… Затоа што знаеш дека со физичката болка ќе се сносиш, но со онаа “слабост” пред другите… Не. Со тоа нема да можеш да се помириш, затоа што навикна доволно долго да се бориш со себе, да работиш против себе, да не му дозволиш на себето да блесне во полн сјај, само заради стравот дека нема да успееш овој пат. А толку “како овој пат” имаш најмалку 10 приказни и примери, но себе не можеш да си веруваш, за да не се разочараш… Секој ден си велиш “еве од денес ќе почнам” и додека легнеш и склопиш очи ќе направиш 100 плана за утре како да го усереш тоа “еве од денес ќе почнам”. И пак ќе најдеш утеха во тоа што ти е утеха со години наназад без никакво задоволство, без уживање, и ќе сфатиш дека напразно си потрошил мини богатство на нештата што не ти требаат и на храната која нема да ја изедеш, туку ја купуваш само како “сигурност” да се најде ако случајно снемам, а ниту си гладен, ниту жеден… Туку тапо ти е во душата, те болат градите при секој здив и сеуште продолжуваш да се бориш со своите демони, доволно долго за да се убедиш дека 20 часа сон ќе бидат доволни за сѐ ова да помине и да тргнеш одново во новиот ден, со истиот сизифов камен, тркалајќи се и себе и него до работа, до прошетка, до љубовта, до желбата да направиш нешто самостојно… Одново и одново, во деветиот круг од пеколот…

 

Автор: Деметра

„Мислењата што се изразени овде им припаѓаат на авторите и не ги одразуваат ставовите на МЦМС и Европска Унија.“

„ Програмата „Одржливо граѓанско општество: државно финансирање на граѓански организации“ ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации од Словенија (ЦНВОС)“

„Проектот е финансиран од Европската Унија“