+389 78 385 571 info@lgbtunited.org

Во последниве година – две, по некоја случајност или не, не можам да се сетам на ситуација во која што сум се почувствувал дека сум загрозен, дискриминиран или исмејуван дека сум трансродов маж. Можеби привилегијата што ја имам е поради моето андрогено лице и самодовербата што ја изградив со текот на годините да не дозволам луѓето да се посомневаат во тоа кој сум. Понекогаш знае да се случи некои луѓе да ја изнесат мојата женствена страна како тема за разговор, но мојот одговор на тие муабети е дека мене ми е најважно да сум автентичен и животот да ми биде убав, а тоа дали сум женствен или не, не дозволувам воопшто да ме разниша да се посомневам во мојата мажественост. Многу години се обидував да почнам да живеам како што целото општество наметнуваше дека ми доликува, се испрашував себеси дали сум сигурно трансродов маж, поминав низ внатрешна борба во себеси со себеси (интернализирана трансфобија) и мислам дека беше доволно. Ако јас не сум сигурен во тоа што сум, тогаш засекогаш ќе ми биде важно мислењето и потврдата од другите за да се убедам дека јас сум тој што сум.

            Животот ми покажал дека не е воопшто лесен. Ми се смееле без срам во лице и ме покажувале со прст. Понижувањето што го претрпев беше пострашно само затоа што им верував дека се подобри од мене, но не се. На разговор за работа ми било кажано дека ни животните не живеат како што живеам јас. На факултет имав професор што сакаше да ја лекува претпоставената траума што ме довело до тоа да се однесувам како машкоданка, па сакаше да му праќам еротски емаил адреси, ме прашуваше дали мастурбирам и ред други работи… и сето ова само заради мојата различност? Не, не е различност, туку ние сме нешто невообичаено за нив затоа што не се запознаени. Моите искуства се такви какви што се, поразлични, само поради нивниот неморален третман, а не поради мојот трансродов идентитет. Поради тоа што тие се мнозинство и тоа ми влевало страв. Затоа, после сите овие години на секакво понижување одлучив повеќе да не се газам себеси, ниту да се кријам. Доволно ме газеа. Прифаќам дека животот не е лесен, прифаќам дека на секое наредно интервју си ја задавам обврската да објаснам зошто во моите документи податоците се неусогласени, тоа е животот со неговото секојдневие нажалост, но тоа не значи дека ќе престанам да се борам за подобро утре. Ако на работодавачите не им одговарам само затоа што, според нив, живеам полошо и од животно, ќе преживеам и ќе застанам на нозе да се борам. Можам да пишувам за тоа како ми било неверојатно тешко, но не сум сега таму. Сакам да кажам дека сите нивни тортури ме зајакнаа, ме направија посилен. Белезите будат тажни спомени, но не ме болат повеќе. Како што реков, чувствувам благодарност за донекаде моето андрогено лице, но тоа некогаш не беше доволно. Мојот изглед кој беше ни ваму, ни таму бил најголемата причина за секаков можен начин на потсмев. Бев мета откако знам за себе, само со самодовербата која се чувствува во начинот на кој зборувам за себе, користејќи ја точната граматика без грам сомнеж во мојот идентитет, повеќе не сум мета. Мојата работа е со клиенти и некогаш луѓето ми се обраќаат во женски род, но не дозволувам тоа да ме уништи и да се почувствувам трагично. Одговорам исто. Кога ќе ме прашаат дали сум добра одговарам дека сум добар.

            Единствено нешто што навистина ме плаши во врска со мојот идентитет и начинот на кој живеам е дека еден ден ќе ми ја загрози егзистенцијалната стабилност, но работам и на тоа за тоа да не биде проблем во иднината. Вложувам време и енергија во учење на нови вештини за да можам, кога ќе зачкрипи, да се издржувам и без работодавачи. Се додека ова општество и оваа власт, па и наредната и така се до недоглед, не сфатат дека нашите проблеми се реални и треба да се најде и понуди решение, одлучив дека јас сум тој што треба да најде решение кое што е клацкаво, но морам да преживеам додека не се најде соодветно решение за сите нас. Јас не знам дали ќе успеам, но сакам да се борам.

 

            Ова е само моја лична приказна и целиот овој став што го имам заземено ме поттикнува да се борам. До каде ќе успеам да стигнам само времето ќе покаже.

 

„Мислењата што се изразени овде им припаѓаат на авторите и не ги одразуваат ставовите на МЦМС и Европска Унија.“

„ Програмата „Одржливо граѓанско општество: државно финансирање на граѓански организации“ ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации од Словенија (ЦНВОС)“

„Проектот е финансиран од Европската Унија“