+389 78 385 571 info@lgbtunited.org

Сте се запрашале ли себе си како би ви било да не можете да се изразите себе си како се чувствувате? Пример умирате од жед, пред вас има чешма а вие да не смеете да му побарате чаша вода на тој што е до чешмата оти едноставно не е сфатливо да се биде жеден?

Така е и кога имате различна сексуална определба, така е и кога различно се чувствувате во однос на родот. Кога сознавате како со текот на годините ве привлекуваат нешта кои што не е во складност со вашиот пол или род. Кога ако сте родени како Марко и ако мокрите стоечки , наместо камиони, фудбал, пушки и колички вие сакате да си играте со кукли, да се шминкате, да се китите со накит, да облекувате штикли или и не мора да е така вие пак сте играле со камиони и фудбал и сѐ, ама место Слаѓана симпатија ви е Зоки.

И тука имате само едно: „тоа е лошо”, „не чини”, „тоа сѐ треба да умре”, впрочем тоа е сѐ што слушате од вашите родители и пријатели и роднини уште како деца и самите си добивате впечаток за себе дека вие треба да не постоите, дека сте некоја смртна грешка , дека сте некаква катастрофа која што треба да се искорени дека едноставно не сте достојни да сте луѓе и дека не сте како и сите.

Замислете си сега што сѐ се случува во вас? Кога од малечок знаеш дека тебе треба да те привлекува Слаѓана и тоа е сосема ок, ама ете тебе ти се допѓа Зоки и не можете да си го објасните тоа зашто е така единствено што знаете е само тоа дека вие сте некој вид чудовиште, нешто што не треба да постои нешто срамно, гнасно, ниско.

И како во иднина од вас, покрај вакво сознание што всушност не е ни никакво сознание туку само жиг од мнозинството без ниту еден издржан аргумент зошто не треба да постоиш, како да израсне и да се формира здрава личност кога ти не смееш да помислиш да кажеш пола збор дека се чувствуваш поинаку не камо ли нешто повеќе?!

Зашто знаеш дека не треба да те има а не знаеш зошто, не знаеш кој е твојот толку голем грев ради кој треба да бидеш буквално лишен од живот оти само чувствуваш….чувствуваш љубов, а таа не бира ниту име, ниту пол ниту род едноставно се раѓа и тоа во најчистите срца, оти само тие се способнида љубат а ти за тоа замисли треба да бидеш ликвидиран!? Дека љубиш!

Дека имаш чисто срце! Пошто правилно било тоа да биде насочено кон Слаѓана а не кон Зоки, а притоа никој не приложил никаков пишан правилник за љубовта оти таа не оди со упатство!? Него ете така требало и сè што не е така треба да биде убиено.

Каде тоа? По кое правило? Каде е тоа упатство за љубовта и чувствата? Кој го напишал?

Ете тоа е од прилика цената на незнаењето, неедуцираноста, на затворените хоризонти, на стереотипот и како последица добивате нездраво општество каде што притоа никој не се запрашал зошто е нездраво туку пак на крај….„педерите“ ќе се криви како и секогаш нели?!

Само затоа што ограниченоста ни е на највисоко можно ниво. Оти не само што едноставно„педер” е нешто ужасно и најлошо, безникакво образложение зошто е тоа така, ами не сакаме ни да чуеме што е всушност тоа и да се едуцираме и да научиме.

Одбиваме да примаме знаење. Тоа е „баба рога” и се опишува само со еден збор „ТОА НИКАКО, ЛОШО Е”, и нема објаснување зошто е лошо, што, како оти да сме реални……не ни има издржлив аргумент. Цело тоа лошо е само производ на незнаењето и одбивање да се учи.

 Оти така е полесно. Така е најлесно. И видете имате еден човек кој што е прекрасен, примерен, со 4 докторати, еминентен светски признат професор со титули, воспитан, културен интегриран еманципиран ама ништо и никој и покажуван со прст и деградиран само затоа што го љуби Зоки а наспроти него имате еден насилник, криминалец, женомразец, некултурен, невоспитан, што си ја тепа жената, што прави криминали, непримерен граѓани ама тој имал жена и деца и тој е попочитуван од овој погоре. Зашто? Оти не е „педер”.

Оти не го љуби Зоки туку е во брак со Тина која што ја крши од ќотек секој ден ама ако тоа е во ред оти тој е мажот а таа жената и нели така треба.!? Апсурд!

И како после сакате да имаме здраво општество кога сите овие особини погоре на страјт насилникот се поприфатливи, море тотално прифатливи и во ред наспроти сите оние доблести на еден „педер”?!

 Ете тоа е цената на незнаењето за знаењето. Затоа што луѓето знаат дека хомосексуалноста е нешто различно и поинакво но луѓето не знаат дека тоа не е ништо лошо, ништо страшно, ништо погрешно, затоа што не сакаат да научат и одбиваат да знаат дека е нешто сосема природно и нормално него ете решиле да не знаат ништо и да живеат во незнаење а незнаењето е извор на секое зло.

И кога би требало да избирам меѓу тоа да сум зол човек или „педер” верувајте дека без размислување секогаш ќе го одберам она второто.

 

„Мислењата што се изразени овде им припаѓаат на авторите и не ги одразуваат ставовите на МЦМС и ЕУ.“  „ Програмата „Одржливо граѓанско општество: државно финансирање на граѓански организации“ ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации од Словенија (ЦНВОС)“

„Проектот е финансиран од Европската Унија“