Конституирање на првата Интерпартиска парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето во регионот

Kонститутивна седница на Интерпартиската парламентарна група која ќе работи на унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето беше одржана денес во Собранието на Република Македонија. На настанот беа присутни пратеници, амбасадори и претставници на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија. За прв пат во историјата на Македонија, пратениците во Собранието јасно и гласно покажуваат дека се претставници на сите граѓани без разлика на нивната сексуална ориентација и родов идентитет.
На оваа прва средба, Парламентарната група ги избра пратеничката Маја Морачанин за координаторка и Павле Богоевски за заменик-координатор. Пратеничката Морачанин направи ретроспектива на лошите состојби со правата на ЛГБТИ луѓето и изрази надеж дека оваа група прави важен исчекор кон подобрување на состојбата со човековите права и демократијата.
„Денес не е денот кога оваа држава обезбедува заштита за луѓето со поинаква сексуална ориентација и родов идентитет еднаква на останатите граѓани. Но, денес е денот кога за прв пат внесуваме структурирана дебата заснована на докази во институциите на нашиот систем. Немојте да грешите, ова е ден кога пишуваме историја и кога го правиме првиот чекор кон тоа ЛГБТИ луѓето да бидат рамноправни со останатите граѓани на Република Македонија.“ – изјави пратеникот Павле Богоевски во неговиот поздравен говор.
Пратеникот Бранко Маноиловски, кој е член на Парламентарната група, ги повика останатите пратеници да се бават со актуелните пробелми во општеството, а не да живеат во минатото.
Во Групата членуваат 13 пратеници од постојниот собраниски состав од различни политички партии и тоа, Лилјана Поповска (ДОМ), Маја Морачанин (ДОМ), Бранко Маноиловски (ДУИ), Павле Богоевски (независен пратеник), Ивана Туфегџиќ (независна пратеничка), Ирена Стефоска (независна пратеничка) Јулијана Николова (ЛДП), Никица Корубин (ЛДП), Петар Атанасов (СДСМ), Јагода Шахпаска (СДСМ), Соња Мираковска (НСДП), Славица Шуманска Митева (СДСМ) и Александар Кирацовски (СДСМ).
На средбата, Драгана Дрндаревска ја презентира „Процената на знаењето, ставовите, практиките и потребите на пратениците во Собранието на Република Македонија во врска со човековите права на ЛГБТИ луѓето и заштитата од дискриминација“, спроведена од членки на Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија во 2017 година во рамки на проектот „Собранието и локалната самоуправа во унапредувањето на правата на ЛГБТИ“ со поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија во Република Македонија. Еден од заклучоците од анализата е дека: „Пратениците од парламентарното мнозинство и повеќето од пратениците од албанските политички партии, даваат поддршка за заштитата од дискриминација, насилство и говор на омраза кон ЛГБТИ луѓето“.
Мисијата на Интерпартиската парламентарна група е да се застапува за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, користејќи ги достапните механизми на Собранието на Република Македонија со цел градење на општество во кое сексуалната ориентација и родовиот идентитет нема да претставуваат пречка за целосно уживање на човековите права и слободи.
Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата го поздравува и поддржува овој процес и ги поканува и останатите пратеници кои ги застапуваат човековите права и слободи, да им се приклучат на своите колеги и колешки во Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето.
До правда, до слобода!
Национална мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата

Comments are closed.